Во Казнено-поправниот дом Прилеп успешно е реализиран иновативен и ефикасен проект за ладење на 16 простории во кои се сместени 80 осудени лица. Уникатноста на проектот е во тоа што иницијативата, концептот и изведбата потекнуваат директно од самите осудени лица, со целосна поддршка од управата на установата и помош од надворешни партнери.
Системот користи техничка вода од бунар за ладење на воздухот преку адаптирани внатрешни единици од клима-уреди. Наместо класичен фреон и компресори, се користи ладна вода која циркулира низ системот, што ја намалува температурата во просториите до 17°C.
Покрај тоа што е еколошки и штедлив, системот троши само околу 912 kWh месечно, со што месечниот трошок за струја изнесува околу 6.455 денари. Материјалите чинеле 40.000 денари и се целосно покриени од страна на установата.
Проектот не само што ги подобрува животните услови во затворот, туку ја поттикнува и активната вклученост и практична обука на осудените лица. Во план е проширување на системот и понатамошно техничко унапредување.
КПД Прилеп со оваа иницијатива поставува пример за функционална ресоцијализација и одржлив пристап во јавните установи.