Млад кичевчанец тврди дека бил одбиен во прилепско кафуле поради тоа што е албанец

Млад кичевчанец со име Артон Лимани во своја видео-објава на Фејсбук напиша за непријатно искуство кое, според него, го доживеал во прилепското кафуле „Арт Кафе“. Тој тврди дека бил одбиен од персоналот поради неговата етничка припадност.

„Никогаш не сум мислел дека ќе треба да снимам вакво видео, ама морам“, започнува Артон. Тој објаснува дека заедно со пријател влегле во кафулето кое било речиси празно. Кога ги прашале дали можат да седнат, персоналот им одговорил дека сите маси се резервирани.

„Во ред, станавме. Но за помалку од 30 секунди, влегуваат двајца дечки, не беа Албанци. Персоналот веднаш ги пречека со: ‘Седнете слободно, што ќе пиете?’“, напиша Артон.

Тој нагласува дека не сака да шири омраза, ниту да го генерализира целиот град, но почувствувал потреба да проговори:

„Не сакам да кажам дека Прилеп е расистички град. Тоа не е вистина. Сигурен сум дека има многу фини луѓе, но овој настан е доказ дека има и такви што уште не го научиле тоа дека сме сите исти.“

До објавувањето на оваа вест, менаџментот на „Арт Кафе“ сè уште нема излезено со официјална реакција или појаснување.