Пожарот во фабриката „Мирана“ во Велес локализиран утрово, причините сè уште се испитуваат

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес е целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот, потврдија надлежните институции. Огнената стихија зафатила магацински простор и канцеларии, а на неколку локации сè уште се забележува слабо чадење.

Инцидентот бил пријавен околу 22 часот, кога започнало горењето во магацин исполнет со пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.

Во интервенцијата биле вклучени три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, дополнително поддржани од возило на ЈКП „Дервен“ и две специјализирани возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле ангажирани и шест полициски службеници од СВР Велес.

И покрај тоа што пожарот е под контрола, службите остануваат на лице место за да спречат можно повторно разгорување, со оглед на тоа што одредени делови сè уште чадат.

Во тек е истрага за утврдување на причините за избувнувањето на пожарот, а повеќе информации се очекуваат по завршување на увидот и анализата на материјалната штета.