Ердоган ќе го посети Киев, во фокусот мирот и слободната трговија со Украина

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во наредните денови ќе ја посети украинската престолнина Киев, на покана на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пренесе турската новинска агенција Turkiye Gazetesi, повикувајќи се на украинскиот амбасадор во Анкара, Нариман Џелјал.

Како што најави амбасадорот Џелјал, еден од централните елементи на претстојната средба ќе биде ратификацијата на Договорот за слободна трговија меѓу Турција и Украина, со цел продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.

Покрај економските прашања, разговорите меѓу Ердоган и Зеленски се очекува да се фокусираат и на мирното решавање на војната во Украина, каде што Анкара веќе одигра значајна посредничка улога во претходните преговори меѓу Киев и Москва.

Во досегашните три рунди разговори, одржани во Истанбул, се постигна ограничен напредок, меѓу кои и договор за размена на затвореници, но прекин на огнот сè уште не е на повидок. Последната средба се одржа на 23 јули, а претседателот Ердоган повтори дека Турција е подготвена да биде домаќин на нова рунда преговори, штом се создадат соодветни услови.

Се споменува и можноста за директна средба меѓу Владимир Путин и Володимир Зеленски, која, доколку се реализира, би била прва од 2019 година, кога разговараа за ситуацијата во источниот регион Донбас.

Интерес за учество во ваква средба, доколку се одржи, изразил и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, според извори блиски до дипломатските кругови.

Од Кремљ, пак, беше соопштено дека претседателот Путин е подготвен за директна средба со Зеленски, штом завршат неопходните подготовки на двете делегации.