Општина Демир Капија стана активен дел од воспоставувањето на општинска соработка во рамките на државното партнерство помеѓу Северна Рајна-Вестфалија и Република Северна Македонија. Овој значаен процес се реализира со поддршка од германската организација SKEW – Service Agency Communities in One World – ENGAGEMENT GLOBAL gGmbH.
Во рамки на оваа иницијатива, делегација од Демир Капија, предводена од градоначалникот Лазар Петров, ја оствари првата официјална посета на општината Гронау, живописен германски град во покраината Северна Рајна-Вестфалија. Целта на посетата беше запознавање, размена на искуства и утврдување можности за понатамошна заедничка соработка.
Делегацијата беше составена од градоначалникот Петров, Стефанија Соколовиќ, советник за локален економски развој и координатор на оваа соработка, Дарио Милошевиќ, лиценциран инструктор по алпинизам и спасител, како и Стојанчо Биневски, претставник од Доброволното противпожарно друштво. Тие беа свечено пречекани во просториите на општината Гронау, каде домаќин беше градоначалникот Рајнер Доткоте.
На средбата се разговараше за сличностите и разликите меѓу двете општини, заедничките предизвици, како и за конкретни можности за идна соработка во областа на туризмот, културата, спортот и цивилната заштита. По официјалниот прием, делегацијата имаше можност да се запознае со градот преку прошетка низ центарот и посета на повеќе значајни институции.
Една од клучните станици беше Туристичкото информативно биро „Gronau inside“, каде беа отворени идеи за заедничка туристичка промоција и размена на добри практики. Делегацијата го посети и Музејот на рок и поп музиката – уникатен во Европа, како и вештачкиот ѕид за качување на Германскиот алпинистички клуб, каде беа воспоставени корисни контакти за идна спортска соработка.
Особена благодарност беше упатена до Сузане Рајнхофер, која игра клучна улога во воспоставувањето и унапредувањето на односите меѓу двете општини. Таа беше водич и домаќин на македонската делегација, и се погрижи целата посета да биде совршено организирана и топло пречекана.
Во наредните денови, јавноста ќе биде информирана и за останатите активности и средби од посетата на Демир Капија во Гронау – посета која претставува важен чекор кон градење на трајни партнерства и европски перспективи за локалниот развој.