Во просториите на „Куќа на фудбалот“ денес официјално беше промовиран ВАР системот, кој од новата сезона ќе почне да се користи во натпреварите од Првата македонска фудбалска лига. Ова претставува историски чекор за македонскиот фудбал и воведување на современа технологија за зголемена фер-игра и транспарентност.
Фудбалската федерација на Македонија изгради три ВАР соби, серверска и контролна просторија, целосно по стандардите на ФИФА. Освен тоа, набавено е и специјално репортажно возило, кое ќе се користи за ТВ преноси на натпреварите.
Деталите за имплементацијата беа споделени од претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, ВАР проект лидерот Дејан Јакимовски и Јосип Бартон, претседател на комисијата за делегирање на судии.

„ВАР системот во Македонија конечно стана реалност. Горд сум на тимот во федерацијата кој неуморно работеше на проектот. За само три месеци успеавме да ја обезбедиме потребната технологија и да ги изградиме модерните ВАР простории. ФИФА и УЕФА ни оддадоа признание, бидејќи ретко која федерација успева за толку кратко време да го имплементира овој комплексен систем,“ изјави Омерагиќ.
Сите прволигаши имаат пријавено стадиони со потребна ВАР лиценца, освен стадионот во Чаир, каде настапува Шкупи, таму сè уште не постојат технички услови за користење на системот.
Сите ВАР одлуки ќе ги носат македонски судии, што претставува дополнителен бенефит за домашниот арбитражен кадар и нивниот професионален развој.
Со оваа промена, македонскиот фудбал прави значаен чекор напред кон усогласување со европските и светски фудбалски стандарди.