Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено, по суви коловози, соопштуваат надлежните служби. Според информациите од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од урбаните средини е зголемен, особено поради летните одмори и зголеменото движење на патници и туристи.
И покрај зголемената фреквенција на возила, на граничните премини од македонска страна нема евидентирани подолги задржувања при влез и излез од државата.
АМСМ информира дека од 6:30 часот утрово, товарниот сообраќај на граничниот премин „Блаце“, поточно кај бензинската пумпа „Дизел“, е пренасочен.
Возачите се повикуваат на зголемена претпазливост, прилагодување на брзината според условите на патот, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување со возилата. Посебна внимателност се препорачува на патиштата кои поминуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои зголемена опасност од појава на одрони.
Ризични делници со можност за одрони се:
- Катланово – Велес
- Маврово – Дебар – Струга
- Виница – Берово
- Кочани – Делчево
АМСМ апелира возачите да бидат внимателни и одговорни, со цел безбедно пристигнување до посакуваните дестинации.