Мишко Ралев без кандидатура од СДСМ, ќе соработува со ВМРО-ДПМНЕ на професионално ниво

Архитектот и универзитетски професор Мишко Ралев во интервју за Фактор изјави дека со месеци работел на концепт за кандидатура за градоначалник на Скопје поддржана од СДСМ, но на крајот, без формално известување, дознал од медиумите дека партијата се одлучила за друг кандидат.

Ралев вели дека во процесот влегол како стручњак, не како партиски кадар, воден од идејата дека Скопје има потреба од професионалец со визија, надвор од партиската матрица. Според него, комуникацијата со СДСМ траела до почетокот на јули, кога без објаснување била прекината, по што се појавиле и шпекулации дека се повлекол од кандидатурата – што тој категорично го демантира.

По ваквиот развој, Ралев ја прифатил понудата од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓеоргиевски, да раководи со советодавна стручна комисија за урбанизам и архитектура, доколку истиот биде избран за градоначалник. Тој нагласува дека нема да има политички ангажман, туку ќе делува исклучиво како професионалец.

„Скопје мора конечно да се води од луѓе со знаење и искуство во архитектурата и урбанизмот. Мојата улога ќе биде во таа насока – без партиски предзнак,“ порача Ралев.