СДСМ: Капиталните инвестиции пропаѓаат, Владата со само 26% реализација за шест месеци

СДСМ ја обвини Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ за катастрофална нереализација на капиталните инвестиции, оценувајќи дека тоа е директен показател за неспособност и промашени економски политики.

На прес-конференција, Јовица Јанковиќ од СДСМ истакна дека во првите шест месеци од 2025 година, реализацијата на капиталните инвестиции е само 26%.

„Ова не е само катастрофална бројка, туку доказ за институционална неспособност. Со ваква мизерна реализација, Македонија не може да напредува“, рече Јанковиќ.

СДСМ тврди дека споредено со истиот период од претходните две години, кога реализацијата била над 60%, сега има драстично опаѓање, што, како што нагласи Јанковиќ, ќе има сериозни последици врз економскиот раст.

„Парите со кои владата се задолжува не се користат за капитални проекти, туку за покривање на буџетски дупки. Тоа е штетна политика“, додаде тој.

Особено ја критикуваше министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, за, како што рече, „очајни обиди“ да ја правда лошата реализација со временски услови.

„Во март министерката тврдеше дека студот во јануари и февруари е причина за слабата реализација. Сега е август – топло е, дали повторно времето е виновно, или конечно ќе признаат дека Владата е неспособна?“ – праша Јанковиќ.

СДСМ предупредува дека, според нив, со ова темпо, економијата ќе продолжи да тоне, сиромаштијата да се зголемува, а стандардот на граѓаните да паѓа.