Германски државјанин осуден за ширење омраза на натпреварот Шкендија – Карабах

Основното јавно обвинителство Скопје, по брза постапка, поднесе обвинение против државјанин на Германија за кривично дело предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост по национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.

Настанот се случил на 5 август, непосредно пред фудбалскиот натпревар меѓу ФК Шкендија и ФК Карабах на Градскиот стадион во Скопје. Обвинетиот, со истакнување знаме на „Голема Албанија“ со натпис „Автохтона“, предизвикал чувства на етничка омраза и нетрпеливост.

Присуството на знамето било забележано од полициски службеници, по што лицето било веднаш лиштено од слобода, а доказите биле обезбедени во координација меѓу МВР и Обвинителството.

По поднесувањето на обвинението, Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која обвинетиот е огласен за виновен, при што му е изречена условна казна затвор од две години – што нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело.

Дополнително, поради неговиот статус на странски државјанин, Судот донесе одлука за протерување од државата и забрана за влез во Македонија во следните пет години.

Од Обвинителството најавија дека заедно со Министерството за внатрешни работи ќе продолжат со засилени и координирани активности за откривање и процесуирање на сите кои шират омраза поврзана со спортски настани.