Големиот актер, режисер и продуцент Лазар Ристовски е овогодинешен добитник на награда за животно дело „Мето Јовановски“, што ја доделува фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“.
На денешната прес-конференција, Ристовски се заблагодари за признанието и изрази жалење што никогаш не соработувал со легендарниот актер Мето Јовановски, чие име ја носи наградата.
„Оваа награда е голема и значајна, бидејќи го носи името на еден голем актер, Мето Јовановски, кого го познавав, но никогаш не сум играл со него во ист проект – и жалам поради тоа. Почестен сум што сум во Македонија, на овој оригинално конципиран фестивал“, рече Ристовски.
Актерот кој зад себе има 50 години работа во филмската и театарската уметност, нагласи дека токму процесот на создавање секогаш му бил најважен:
„Кога ќе дојде премиера и црвен килим, тука не се чувствувам пријатно. Глумата ми беше живот. Актерството е тешка професија – наша алатка е телото и психата. Разликата меѓу актерите е во тоа колку се храбри да копаат длабоко во себе.“
Првпат во кариерата Ристовски ќе одржи мастер-клас токму на фестивалот во Дојран, што за него, како што рече, е голем исклучок:
„Никогаш не сакав да бидам професор, ниту да држам предавања. Не им верував целосно на професорите, секогаш имав свое мислење и поради тоа често ме бркаа од часови. Сега да давам памет – не ми одеше, затоа не се занимавав со педагогија.“
Ристовски досега има одиграно над 70 филмски и телевизиски улоги, на сите јазици од поранешна Југославија, како и на англиски, француски и германски. Во Македонија се има појавено и на македонски јазик, во филмовите „Јазол“ и „Збогум на дваесеттиот век“.
„Лазар Ристовски во сите свои улоги играше со јазикот на љубовта, среќата, тагата и надежта – на универзалниот јазик на филмот“, истакна Јани Бојаџи, директор на фестивалот „Преку езерото“.
Бојаџи додаде дека Ристовски со својата работа инспирирал илјадници деца, тинејџери и филмаџии да сонуваат преку подвижните слики.
„Му благодариме што ги направи соништата на многу генерации реалност и нека му е честита наградата ‘Мето Јовановски’“, заврши Бојаџи.