Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, објави дека од октомври пожарникарите ќе добиваат плати од 80.000 денари, во согласност со претходно потпишаниот меморандум. Истовремено, и општинската администрација ќе добие зголемување на септемвриската плата за 20%.
„Како што ветив, така и ќе биде. Меморандумот за покачување на платите на нашите пожарникари ќе биде испочитуван. Во октомври тие ќе ја добијат заслужената плата. Следува подготовка на правилник и индивидуални решенија“, истакна Костадинов во објава на социјалните мрежи.
Тој објасни дека покачувањето не зависи од одлука на Советот, туку од правно уредени односи со синдикатите, што ги прави обврзувачки за општината.
„Ова е обврска која мора да се почитува. Стекнато право и формално потпишан договор не е Facebook статус, туку обврска институцијата да си ги почитува луѓето кои, за жал, се сѐ помалку“, рече Костадинов.
Градоначалникот додаде дека честопати е изненаден од „суетноста и елементарното непознавање на работите“ кај одредени поединци, но нагласи дека останува доследен на својот збор и поддршката кон тимот.
„Не можеме да градиме иднина ако не го јакнеме моралот на тимот што ја создава. За мене, зборот е обврска. За некој друг само чукање во гради“, напиша Костадинов.