ВМРО-ДПМНЕ ја поткопува македонската државност со рехабилитација на фашистички соработници

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија остро реагира на, како што велат, скандалозната одлука на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН за именување на општинското основно училиште во Студеничани со името на Азем Морана, фигура поврзана со балистичкото движење и фашистичкиот окупатор.

„Ова е удар врз темелите на македонската државност и понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ“, стои во соопштението на СДСМ. Од партијата нагласуваат дека ваквата одлука претставува навреда за сите борци од НОБ, жртвите од фашизмот и вредностите врз кои е изградена слободна и демократска Македонија.

Според СДСМ, со овој потег, Владата систематски го брише антифашизмот од колективната меморија, заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на личности поврзани со окупаторски структури.

„Антифашизмот не е само историско наследство, туку и уставна вредност и дел од нашата евроинтегративна определба“, порачуваат од партијата. „Срамно е влада која се декларира за европска, да дозволува вакви образовни и морални девијации.“

СДСМ ја повикува Владата веднаш да ја преиспита оваа одлука и да покрене постапка за нејзино укинување. Партијата најавува и иницијатива за отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во земјата.

„Нема да дозволиме историјата да се прекројува. Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам, и така мора да остане,“ порачуваат од СДСМ.