Даскаловски: Маските паднаа, Костадинов во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и Танушев

Кандидатот за градоначалник на Струмица од СДСМ, Марјан Даскаловски, остро реагираше на здружените настапи на ВМРО-ДПМНЕ, независниот советник Танушев и актуелниот градоначалник Костадинов, обвинувајќи ги за формирање на „нова коалиција во паника“.

– Пред избори маските почнаа да паѓаат. Новата коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Танушев и Костадинов, дејствува организирано против мене и против СДСМ. Но, граѓаните на Струмица јасно гледаат за кого е важна општината, а за кого фотелјата, порача Даскаловски.

Во својата изјава, тој потсети на, како што рече, дволичноста на неговите политички противници.

– Пред три месеци, кога апелиравме за итна интервенција и разум околу состојбата во градинките, ВМРО-ДПМНЕ спинуваше, независниот советник повикуваше да не се политизира, а Костадинов вети ребаланс за да се најдат средства за вработените. Денес, ништо од тоа не е исполнето, истакна кандидатот на СДСМ.

Даскаловски најави дека хаосот ќе престане уште во октомври и порача дека Струмица ќе добие нов менталитет и вистинска грижа за сите граѓани.

– Јас сум човек кој секогаш подава рака. Струмичани знаат кој сум и што носам. Ќе има нов лик на општината, ќе има работа за сите, ќе има искрен пристап. Време е за промени – заврши Даскаловски.