Меџити ги осуди скандирањата, но со резерва: Во Куманово беа антиалбански, на Арената не беа антимакедонски

Заменик-претседателот на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска доби прашање од новинарите да се произнесе за скандалозните иредентистички скандирања на Националната арена „Тодор Проески“ за време на натпреварот меѓу Шкендија и Карабах. Навивачката група „Балисти“ започна со повиците „Илирида“, кои беа прифатени и од делови од останатата публика.

„Илирида“ е политички концепт кој подразбира формирање на посебна република на територијата на Северна Македонија и други соседни држави каде што живеат етнички Албанци, и се смета за иредентистичка и сецесионистичка идеја која директно го нарушува уставниот поредок на државата.

Меџити, кој лично присуствуваше на натпреварот, рече дека Владата ги осудува сите форми на говор на омраза, но даде контроверзна изјава со правење разлика меѓу скандирањата во Скопје и оние во Куманово, каде неодамна дел од публиката пееше: „За Шиптари гасна комора“.

– Како Влада, ние ги осудивме сите што ќе посегнат по ксенофобија и расизам. Во Куманово беа антиалбански настроени. Не ги оправдувам ни другите, но не беа антимакедонски. Повикуваме на почитување на различните вредности и соживот, изјави Меџити.

Тој имплицираше дека случајот на Арената не бил насочен против Македонците, иако скандирањето „Илирида“ е концепт што директно удира врз територијалниот интегритет на државата.

Случувањата на двете спортски манифестации, во Куманово и во Скопје, предизвикаа силни реакции во јавноста. Особено остри беа коментарите по натпреварот во Куманово, каде што паролите беа експлицитно расистички и повикуваа на насилство. Присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој скандирањата ги осуди дури два дена подоцна, велејќи дека не ги слушнал за време на натпреварот бидејќи ги извикала мала група.

За двата настани, Јавното обвинителство отвори предмети, а МВР приведе по едно лице, во Скопје поради обид за внесување знаме со карта на Голема Албанија, а во Куманово, со тематика поврзана со настаните од Диво Насеље.

Надлежните институции најавија дека собираат видео-материјал и работат на идентификација на сторителите.