Гаши денеска ќе ги распише локалните избори, првиот круг на 19 октомври

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска се очекува официјално да ги распише локалните избори, кои ќе бидат осми по ред од независноста на државата. Со оваа одлука започнуваат да течат законските рокови за изборниот процес.

Првиот круг на гласање е закажан за 19 октомври, а вториот за 2 ноември. Граѓаните ќе избираат градоначалници и советници во 80 општини и во Градот Скопје.

Рокот за поднесување на кандидатските листи истекува најдоцна до 15 септември, односно 35 дена пред денот на одржување на изборите. Државната изборна комисија (ДИК) ќе ги провери доставените листи и ќе ги утврди најдоцна до 27 септември, 23 дена пред гласањето. Изборната кампања ќе трае 20 дена, почнувајќи од 30 септември.

Буџетот за организација на изборите изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини се наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање. Дополнително, локалните самоуправи ќе ги покријат трошоците за надоместоци на избирачките одбори, како и за транспорт и дистрибуција на избирачкиот материјал.

Еден од клучните сегменти на процесот е увидот во Избирачкиот список, кој ќе започне 15 дена по распишувањето на изборите и ќе трае 20 дена. Во овој период, сите граѓани со наполнети 18 години ќе можат да ги проверат своите податоци и да побараат корекции преку електронска апликација или во подрачните канцеларии на ДИК.

Според Изборниот законик, локалните избори се одржуваат секои четири години во втората половина на октомври. Локалната самоуправа е организирана во 80 општини и Градот Скопје, кој како посебна единица има 10 општини со поделени надлежности.

Досега, локални избори во Македонија се одржале во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.