СДСМ остро реагира на, како што велат, бруталниот упад на полицијата во домот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска, оценувајќи го настанот како уште една потврда дека „режимот се враќа“.
„Ова е препознатливата слика на секој режим, полицијата ставена во функција на политички притисок и незаконско разрешување на директорка на средно училиште, со единствена цел пред избори да се постави партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ,“ велат од партијата.
Од СДСМ обвинуваат дека измените на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи, кои ги спровел министерот Панче Тошковски, имале цел да овозможат целосна партизација на полицијата, политички прогон и злоупотреба во интерес на ВМРО-ДПМНЕ.
„Полицијата станува продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ, а жртви се граѓаните. Денес е директорка на средно училиште, утре може да биде било кој друг,“ предупредуваат од СДСМ.
Партијата бара итно запирање на, како што го нарекуваат, бруталниот притисок и незаконското разрешување на Лозановска, истакнувајќи дека законите мора да се почитуваат без исклучок.
„Бараме одговорност од сите кои ја извршуваат оваа незаконска постапка и од оние кои дозволија полицијата да се стави во служба на политички прогон,“ порачуваат од СДСМ.