Уапсен 27-годишник од Кочани по физички напад врз полицаец

Полицијата во Виница вчера уапси 27-годишен жител на Кочани, кој живее во Виница, откако физички го нападнал началникот на Надворешната канцеларија за криминалистички работи. Началникот се обидувал да му врачи покана за службен разговор, кога бил нападнат.

Инцидентот се случил околу 10:10 часот, соопшти Министерството за внатрешни работи. По нападот, со судска наредба бил извршен претрес во домот на осомничениот, при што биле пронајдени околу 100 семки од канабис, две дробилки со остатоци од марихуана, куршуми од различен калибар, три сабји, електрошок и други предмети за кои постои сомневање дека потекнуваат од кривично дело.

Осомничениот е задржан во полициската станица во Виница, а по комплетирање на случајот и во координација со јавен обвинител, против него ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.