​Преземена акција по наводите на осудениот Манев: Обвинителството го истражува Зоран Д.

Дел од осудените за бруталното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски почнаа да сведочат во Обвинителството за судбината на оружјето со кое се извршени злосторствата. Овој развој на настаните доаѓа два месеца по првичните тврдења на осудениот Велибор Манев, кој посочи дека извесен Зоран Д., вработен во Народна банка и член на партијата „Десна“, го зел ранецот со пиштолот и „моторолите“.

„Пропеале“ осудените, деталите за Зоран Д. се расчистуваат

​Според информациите на „Скопје1“, за време на распитите, осудените понудиле појаснувања за улогата на Зоран Д. во партијата, но и за тоа за што бил надлежен. И покрај ова, Обвинителството останува воздржано во давањето детали.

„Постапката е во тек, се вршат и распити на повеќе лица, но во моментов не сме во можност да споделуваме детали“, изјавиле од Обвинителството за „Скопје1“.

​На прашањето дали се уште важат мерките за обезбедување присуство за Зоран Д., одговор не е добиен.

Доцнење во истрагата и нови сомнежи

​Приведувањето на Зоран Д. се случи откако Велибор Манев, на едно од рочиштата, го идентификуваше како лицето што добило задача да го уништи ранецот. Иако Манев во повеќе наврати тврдеше дека знае кој го крие оружјето, Обвинителството со месеци не нареди негов распит. Ова доцнење отвори сериозни дилеми во јавноста за начинот на водење на истрагата.