Трагедија во Црна Гора: Македонска туристка почина на плажата Свети Стефан

​Осумдесет годишна македонска државјанка, С.Г. (80) од Битолско, почина на познатата плажа Свети Стефан во Црна Гора, откако ѝ се слошило додека пливала во морето. Трагичниот настан го потврдија од полицијата во Будва за црногорскиот медиум „Вијести“.

​Според полицискиот извештај, жената била на плажа со своето семејство, а ѝ се слошило во плиткиот дел од морето. И покрај брзата интервенција на екипата за итни случаи, сите обиди за реанимација биле залудни и била констатирана смрт.

​Од полицијата информираат дека е извршена истрага на местото на настанот и за сè е известено Вишото државно обвинителство. Исто така, беше објавено дека жената била долгогодишен срцев пациент.