Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на тврдењата на движењето ВРЕДИ дека министерот за надворешни работи, Бујар Османи, спровел сомнителни тендери поврзани со организацијата на Министерскиот состанок на ОБСЕ во 2023 година.
„Најзначаен меѓународен настан“
Според ДУИ, овој состанок претставувал најголем и најзначаен меѓународен настан организиран во земјава, кој ја ставил Северна Македонија во центарот на светската дипломатија. Партијата нагласува дека настанот, на кој присуствувале министри и делегации од целиот ОБСЕ простор, бил оценет како „совршено организиран“ од сите меѓународни партнери и институции.
„Политичка злонамерност и завист“
Од ДУИ потенцираат дека сите надлежни државни институции и органи за надзор ја потврдиле законитоста и транспарентноста на настанот. Тие тврдат дека обвинувањата на ВРЕДИ се резултат на „политичка злонамерност и завист“.
„Ниту еден извештај не утврдил незаконитост, ниту една постапка не е прекршена, ниту еден договор не е нелегален“, се наведува во реакцијата на ДУИ.