Движењето ВЛЕН, преку изјава на Арбен Фетаи, ја обвини ДУИ за нов бран на популизам и лажен национализам. Според Фетаи, ова е очаен обид на ДУИ, предводена од Али Ахмети и Бујар Османи, да го одвлече вниманието на граѓаните од нивните неуспеси и корупција во текот на 22 години владеење.
„Ахмети ја користи фразата на Милошевиќ, Османи се крие зад референдум“
Фетаи особено ја нагласи реториката на лидерите на ДУИ, споредувајќи ја со опасни историски случувања.
„Кога Али Ахмети вели “ќе се случи народот” , тој оживува опасна, озлогласена фраза, првпат употребена од Слободан Милошевиќ во 1988 година за поттикнување омраза и конфликт“, рече Фетаи.
Тој додаде дека оваа реторика е опасен повик што го загрозува мирот и единството.
За Бујар Османи, Фетаи вели дека неговите повици за „референдум“ се насочени кон дефокусирање на јавноста од неговото „корумпирано минато“ за кое никогаш не дал отчет.
Фетаи потенцира дека ДУИ, и покрај 22 години на власт, не успеала целосно да го спроведе Охридскиот договор и да го официјализира албанскиот јазик. Напротив, според него, договорот бил претворен во алатка за клиентелизам и вазалство.
„Тие ја направија државата продолжение на интересите на елитата поврзана со организираниот криминал, додека Албанците останаа маргинализирани, осиромашени и безнадежни“, истакна Фетаи.
Тој ја критикуваше ДУИ и за нивното доцно „откривање“ на недоследностите на Охридскиот договор, велејќи дека тоа е обид да се избегне одговорност за корупцијата и стагнацијата што ја предизвикале. Фетаи заклучи дека „истите луѓе што денес зборуваат за вазалство беа робови на Никола Груевски и Сашо Мијалков“.