Македонската кошаркарска репрезентација го доживеа и вториот пораз во претквалификациите за Светското првенство во 2027 година, откако на гостувањето во Шолнок беше убедливо совладана од Унгарија со 96-58. Овој резултат значително ги намалува шансите на нашиот национален тим за пласман во следната рунда.
На почетокот, натпреварот беше речиси изедначен, а првата четвртина заврши со резултат 19-18. Сепак, клучниот момент се случи во првите пет минути од втората четвртина, кога Унгарците направија импресивна серија од 17-0 и поведоа со 35-18. По овој голем удар, македонските кошаркари не успеаја да се вратат во игра. Во третата четвртина разликата се искачи на повеќе од 20 поени, а во последниот период достигна и над 30.
Како и на претходниот натпревар, најефикасен во македонскиот табор беше натурализираниот Американец Џејкоб Вајли со 15 поени, додека Димитар Магдевски постигна 11 поени.
Следниот натпревар, Македонија го игра на 13 август на гостински терен против Романија, а потоа ќе има тешка задача да брка висока негатива на домашен терен за да ги задржи шансите за понатамошен пласман.