Поранешниот градоначалник Дамјановски: Костовски е добар избор за Куманово, Филипче е соодветен за лидер

​Поранешниот градоначалник на Куманово, Зоран Дамјановски – Циц, во интервју за емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77 изјави дека кандидатот на СДСМ, Мартин Костовски, има одлични шанси да победи на претстојните локални избори. Дамјановски го оцени Костовски како добар и соодветен избор за градоначалник.

​Дамјановски, исто така, одговори на прашања за неговите односи со актуелните и поранешните лидери на СДСМ. Иако призна дека не се сретнува често со актуелниот лидер, Венко Филипче, тој има високо мислење за него.

„Со Филипче не се сретнувам често. Еднаш кога се видовме ми понуди соработка. Не прифатив поради моите години и мојот политички концепт, но имам добро мислење за него. Како интелектуалец го почитувам, професионалниот дел го почитувам. Во моментот тој ги задоволува критериумите да биде лидер на СДСМ“, рече Дамјановски.

​Тој ја искористи можноста и да го пофали поранешниот претседател Бранко Црвенковски, со кого, како што вели, има одлични односи уште од 2006 година.

„Со Бранко имаме прекрасни односи, тој е исклучително коректен, го почитувам многу. Се среќаваме, имаме заеднички средби, зборуваме за политика. Жално е што не е во политиката“, додаде Дамјановски.