Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, денеска излезе со остра реакција на случувањата во Министерството за внатрешни работи (МВР) и го осуди, како што вели, „незаконското постапување“ на началникот на ОВР Демир Хисар. Таа смета дека ова е дел од „очајниот обид да инсталираат режим“ поради страв од сопствена неспособност.
Чупеска повика на итна одговорност и побара Јавното обвинителство (ОЈО) да постапи согласно своите надлежности, бидејќи началникот очигледно ги пречекорил своите овластувања и злоупотребил службена положба.
„На Власта сè уште не ѝ е јасно дека државата не е приватна сопственост. МВР не може и не смее да биде ставено во функција на личните потреби на дпмнеовски началници – со крајно компромитирачка историја“, изјави Чупеска.
Таа нагласи дека СДСМ еднаш веќе срушила режим и дека нема да дозволи нов да биде инсталиран. Според неа, неспособноста не може да се покрие со режимски практики.