Директорка на Гимназијата во Демир Хисар, Маја Лозановска, денеска се појави на информативен разговор во локалната полициска станица. Таа беше разрешена од функцијата на 4 август, по налог на Просветниот инспекторат и одлука на градоначалникот, поради утврдени неправилности во работењето.
Истрага за „одземање печат и службени документи“
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека против Лозановска постои пријава и основи за сомневање за кривично дело „одземање печат и службени документи“. На 8 август, полицијата изврши претрес во нејзиниот дом, додека таа била на боледување.
Во врска со овој случај, МВР покрена дисциплинска постапка против полицискиот началник во Демир Хисар, кој изјавил дека Лозановска ќе биде донесена на разговор „и на носилки“, иако имало налог само за претрес, а не и за приведување.
Според информациите, пред претресот, училишните простории биле обиени, поради што Лозановска побарала увид со полициска придружба.