​Сиљановска-Давкова се сретна со млади од Охрид по повод Меѓународниот ден на младите

По повод 12 август, Меѓународниот ден на младите, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Вила Билјана прими група млади од Охрид.

​На средбата присуствуваа претставници од Младинскиот центар и Младинскиот совет од Охрид, првенци на генерација, креатори на еко-апликацијата „Trashpinger“, учесници во меѓународни размени и членови на Летната школа за гитара и Летната ликовна школа.

​Претседателката Сиљановска-Давкова го нарече Меѓународниот ден на младите „најважен празник на светот“ и истакна дека Охрид ќе биде поубав ако се искористат знаењето, умот и талентот на младите. Таа нагласи дека возрасните мора да им овозможат на младите да учествуваат во управувањето со сегашноста, со цел да се обезбеди подобра иднина.

​Младите од Охрид ги презентираа своите вештини во ИТ, сликарството, танцот и музиката, а средношколците ги споделија своите планови и искуства.

​На средбата беше истакнато дека важен чекор за младинското учество во процесот на одлучување е донесувањето на измените на Законот за младинско учество и младински политики.