Жители и сопственици на куќи во селото Љубојно денеска излегоа на протест, револтирани од сечата на шумата над селото. Тие тврдат дека „голата сеча“ го загрозува селото и изворот на вода од кој се снабдуваат. Компанијата-концесионер на ЈП Национални шуми, која ја врши сечата, денеска ги повлече работниците и камионите поради реакцијата на месното население. Од МВР потврдија дека настан имало и најавија дополнителни информации.
Мештаните најавија блокади за да спречат поминување на камионите. Еден од жителите изјави дека отсуството на шума ќе предизвика водата од дождовите директно да се слева кон куќите, што ќе биде „голема штета за селото“. Тие се загрижени и за водоснабдувањето, бидејќи резервоарот за питка вода се наоѓа под пределот каде се врши сечата.
Исто така, тие тврдат дека тешките камиони го уништуваат патот што самите жители го изградиле со свои пари, спротивно на тврдењата на шумското стопанство дека станува збор за јавен пат.
Од локалната подружница на ЈП Национални шуми во Ресен, „Преспа Дрво“, потврдуваат дека се работи на тој терен, но тврдат дека сè е легално и одобрено од стручни лица.
Васко Лозановски од „Преспа Дрво“ изјави дека сечата се врши „по закон и во склад со сите плански документи, одобрени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и од шумарските инженери“.