Мерц: Примирјето е прв чекор кон мир во Украина

По разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека прекинот на огнот мора да биде првиот чекор кон траен мировен договор. Мерц нагласи дека европските лидери се посветени да помогнат самитот меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска да биде успешен.

​Мерц истакна дека европскиот став се темели на принципот дека „границите не смеат да се менуваат со насилство“ и дека сите територијални прашања треба да се решаваат во контекст на постојната фронтова линија. Тој додаде дека Европа ќе обезбеди „силни безбедносни гаранции за Украина“.

​Според него, стратегијата е двострана: поддршка на Украина и притисок врз Русија. Доколку нема напредок од руска страна на самитот, САД и Европејците мора да го зголемат притисокот.

​Мерц оцени дека Трамп „во голема мера се согласува“ со европската позиција и го опиша разговорот како „многу добар и конструктивен“. Тој изрази оптимизам дека постои надеж за мир во Украина.