Вучиќ: Нема да има милост за оние што тепаат

Српскиот претседател Александар Вучиќ, по синоќешните протести и инциденти во Србија, изјави дека 64 поддржувачи на Српската напредна партија (СНС) се повредени во Нови Сад. Тој нагласи дека „нема да има милост за оние што тепаат и се закануваат“ и вети дека државата ќе воспостави ред и мир.

​Контрадикторни извештаи за настаните

​Вучиќ во своето обраќање не ги спомена нападите иницирани од поддржувачите на СНС, кои фрлаа пиротехнички средства кон демонстрантите. Според него, во Нови Сад имало 1.065 демонстранти кои ги нападнале просториите на СНС, а во Белград 3.084 демонстранти ја нападнале полицијата и граѓаните.

​Извадоци објавени на социјалните мрежи и локалните телевизии, пак, прикажуваат маскирани мажи со шипки како ги удираат граѓаните.

​Вучиќ истакна дека се повредени 16 полицајци, од кои двајца потешко.

​Обвинувања и повик за дијалог

​Вучиќ ги обвини демонстрантите дека се организираат за „тепање и убивање“ на политички неистомисленици. И покрај ова, тој повика на разговор, нагласувајќи дека нема да дозволи да има граѓанска војна и дека не планира да ја вклучи војската.

​Синоќа, илјадници луѓе протестираа во неколку градови низ Србија, а во Белград полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите. Засега нема информации за повредени демонстранти.