Британскиот портал „Телеграф“ објави дека американскиот претседател Доналд Трамп на претстојниот состанок со рускиот колега Владимир Путин во Алјаска планира да понуди низа економски концесии за да се постигне прекин на огнот во Украина.
Трамп планира да му понуди на Путин пристап до резервите на ретки минерали во Украина, кои во моментов се под руска окупација. Украина поседува 10% од светските резерви на литиум, а двете најголеми наоѓалишта се на територии што ги контролира Русија.
Меѓу предлозите е и укинување на американските санкции врз руската авиоиндустрија, со што би се овозможил извоз на делови и опрема за одржување на руските авиони.
Трамп размислува да ѝ понуди на Русија да ги искористи природните ресурси во Беринговиот Теснец, област што се наоѓа меѓу Алјаска и Русија и која содржи значителни резерви на нафта и гас.
Иако Белата куќа ги ублажува очекувањата за самитот, Трамп изјави дека ќе знае дали Путин е сериозен за мир во првите две минути од разговорот.
Од друга страна, европските дипломати сметаат дека Путин сè уште има за цел да го собори украинскиот претседател Володимир Зеленски и да инсталира проруски режим. Исто така, израелската окупација на Западниот Брег е наведена како модел за завршување на војната, што би значело Русија да ја задржи воената и економска контрола врз окупираните украински територии.
Руските претставници состанокот го опишуваат како дискусија за „руско-американските односи“ со можност за зајакнување на трговската соработка.