Младите во Охрид учествуваа во активности по повод Меѓународниот ден на младите, организирани од Коалицијата СЕГА и Младинскиот центар Охрид. Во рамки на „Недела на млади“, се одржа летна ликовна школа, школа за гитара и мастерклас за режија и сценарио со младиот режисер Антонио Велјаноски.
Државниот секретар Сабриу: „Младоста е пламен што го осветлува патот“
Честитајќи им го денот, државниот секретар Сабриу ги охрабри младите да бидат храбри и да не се плашат да се изразат.
„Младоста е пламен што го осветлува патот и својот и на сите околу вас“, истакна тој.
Сабриу им порача на младите да го создаваат она што недостасува и да станат режисери на сопствената иднина. Тој нагласи дека Министерството ќе биде отворено за поддршка на младинските центри како платформи за учење, создавање и поврзување. На крајот, упати благодарност до организаторите на настаните.