Скролнувам по Фејсбук и, искрено, сè повеќе ми се превртува желудникот. Како да секоја објава, секоја вест, е само повод за нова рунда на плукање и омраза. Драги мои дежурни коментатори, до кога? До кога ќе ја користите секоја тема како шанса да покажете колку сте „попаметни“, „попатриоти“, „по-сè“ од сите други?
Најнов пример: случувањата во гимназијата во Демир Хисар. Наместо да разговараме за суштината, за учениците, за наставниците, за образованието, вие веднаш ги извадивте кантите со отров и почнавте да се натпреварувате кој ќе фрли повеќе кал. Се навредувате, се колнете, си ги вадите фамилиите. Како да не се работи за луѓе, туку за некакви виртуелни непријатели кои мора да се уништат.
Зарем навистина мислите дека изцртаното 16-крако знаме и лавчето на профилната слика ве прават попаметни, дека ве прават поголеми патриоти? Зарем мислите дека со навредување и сеење омраза ја браните државата? Напротив, вие ја уништувате. Ја јадете одвнатре. Ја правите место во кое никој не сака да живее.
Разбирам, сите имаме ставови. Добро е да се дебатира, да се имаат различни мислења. Тоа е основата на секое здраво општество. Но, зошто навреди? Зошто омраза? Која е таа потреба да го деминирате соговорникот, да го понижите, да го навредите? Дали навистина не можете да прифатите дека некој друг може да има поинакво мислење од вашето? Дали навистина не можете да признаете дека некој друг можеби е во право, ако фактите говорат така?
Навредите и етикетите станаа полесна опција од аргументите. Наместо да разговараме за економијата, се фативме за фотографија од јахтата на која се Заев и Филипче. Наместо да дебатираме за правото и правдата, се расправаме за имотот во Истра и за тоа дали таму се сликани Мицкоски и баџанакот Дано. Важно е да се фрли кал, не е важно дали е вистинито или не. Важно е да се навреди, да се омаловажи, да се покаже колку сме „ние“ подобри од „тие“.
И токму тука лежи коренот на проблемот. Не можете да седите на иста маса со некого кого го сметате за непријател. Не можете да имате конструктивна дискусија со некој на кого му ги вадите очите преку тастатурата. Оваа виртуелна војна, каде што секој коментар е како куршум, нè прави неспособни за реален дијалог. Ние не дебатираме, ние се бориме. Ние не разменуваме мислења, ние разменуваме навреди.
Зарем не ви е срам што вашите деца, вашите внуци, ги читаат овие коментари? Зарем не ви е срам што токму вие, со вашето однесување, ги учите дека навредувањето и омразата се единствените начини да се комуницира? Кои морални вредности им ги пренесувате?
Ајде да си ја чуваме и да си ја градиме државата. Тоа не се прави со пцуење по тастатурата, туку со почитување, со дијалог, со градење мостови, а не со нивно рушење. Може да не се согласуваме, но мора да разговараме. Да имаме спротивставени ставови, но да знаеме да седнеме на иста маса. Време е да ги спуштиме мечовите.
Или ќе продолжиме да си ги вадиме очите додека не останеме без нив?
Пишува: Пикасо