Охридското Езеро ќе се пориби со вкупно 970.000 единки охридска пастрмка, што е многу повеќе од првичниот план, најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Ова порибување се врши во соработка со Хидробиолошкиот завод – Охрид и Институтот за сточарство и рибарство.
Според министерот, првичниот договор предвидуваше порибување со минимум 400.000 единки од Хидробиолошкиот завод и 200.000 единки од Институтот за сточарство и рибарство. Сепак, двете институции го надминаа минимумот, одгледувајќи 620.000 единки од заводот и 350.000 единки од институтот.
Министерот Трипуновски истакна дека ова е значаен чекор по шест години застој во порибувањето, со што се продолжува со заштита на охридската пастрмка, која претставува најголемо богатство за регионот.
Министерот најави дека за следната година е планирано уште поинтензивно порибување, со зголемени средства за двете институции. За Хидробиолошкиот завод – Охрид се обезбедени 3,3 милиони денари, со обврска да одгледаат 1,1 милион единки пастрмка. Институтот за сточарство и рибарство доби 1,7 милион денари за да одгледа 570.000 единки.
Според овие планови, Охридското Езеро следната година ќе биде порибено со над 1,6 милиони единки пастрмка.