Обвинителството ги негира тврдењата на Ивановска: Поканата не е поврзана со политички активности

Откако Билјана Ивановска, поранешната претседателка на Антикорупциска и актуелна кандидатка за градоначалник на Општина Центар, јавно се пожали дека полицајци ѝ затропале на вратата за да ѝ врачат кривична пријава само 11 часа по објавувањето на нејзината кандидатура, со објаснување се огласи и Основното јавно обвинителство Скопје.

​Обвинителството тврди дека случајот е постар и не е политички мотивиран.

​Како што информираат оттаму, јавен обвинител постапува по приватна кривична пријава поднесена уште на 18.02.2025 година. Поканата за испитување на Ивановска била испратена на 25.07.2025 година, многу пред таа да ја објави својата кандидатура.

​„Поканата за испитување од обвинителството е испратена на 25.07.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“, велат од скопското обвинителство.

​Пријавата се однесува на период кога Ивановска била претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Обвинителството наведува дека постапува по пријавата и дека презема дејствија за да ги провери наводите, а испитувањето е дел од таа постапка.