Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска ги демантираше информациите што се појавија во дел од порталите и на социјалните мрежи, а во кои се тврдеше дека полицијата им забранила влез на граѓаните во Кочани за да учествуваат на протестот „Маршот на ангелите“.
Од МВР категорично ги отфрлаат обвинувањата, истакнувајќи дека ниту еден граѓанин не бил спречен да влезе во градот.
„Напротив, ниту еден граѓанин не беше спречен да влезе во Кочани. Со цел остварување на своите законски надлежности, меѓу кои и безбедно одвивање на протестот „Маршот на ангелите”… СВР Штип вршеше редовни контроли на сообраќајот на подрачјето на СВР Штип, вклучувајќи го и градот Кочани“, се вели во соопштението.
Министерството нагласува дека на ниту еден граѓанин не му било скратено правото на слободно учество на протестот и дека контролите траеле само „нормално потребното време“.
На крајот од соопштението, МВР апелира до јавноста да не се шират дезинформации што го вознемируваат народот.