Левица обвинува: ДПМНЕ ја претвора Македонија во рударска колонија

Политичката партија Левица денеска излезе со жестоко обвинување кон актуелната влада, тврдејќи дека новите предлог-закони за рударство и геологија ќе ја претворат Македонија во рударска колонија. Според нив, под изговор за „усогласување со европските стандарди“, власта отвора врата за трајно уништување на природните ресурси на земјата.

​Левица предупредува дека ископувањето на ретки минерали, особено литиумот, е еден од најзагадувачките процеси во светот. Како примери ги наведуваат Србија, каде што проектот на „Рио Тинто“ предизвика масовни протести, како и Чиле и Боливија, каде што недостигот на питка вода е веќе реален проблем поради рударството.

​Според партијата, новите закони не се насочени кон затворање на дивите рудници, туку кон нивна легализација и давање концесии на странски компании кои ќе ја експлоатираат земјата. Левица тврди дека ова е начин да се оживеат проектите во Иловица и Штука, кои веќе еднаш беа одбиени од јавноста.

​Левица особено го истакнува „цинизмот“ на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што велат, додека беше во опозиција, жестоко се бореше против „рудниците на смртта“, а сега, како власт, го прави истото, но прикриено зад „европски флоскули“.

​На крајот од своето соопштение, Левица бара власта веднаш да се откаже од намерата за донесување на овие закони, нагласувајќи дека не постои цена со која може да се замени чистата вода, плодната земја и здравјето на децата.