​Трамп го повика Путин: Се подготвува средба меѓу рускиот и украинскиот претседател

По самитот во Белата куќа со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери, американскиот претседател Доналд Трамп го повика рускиот претседател Владимир Путин. Целта на 40-минутниот разговор беше да се започнат подготовки за идна средба меѓу Путин и Зеленски.

​„Го повикав претседателот Путин и започнав подготовки за состанок, на локација што ќе се утврди дополнително, меѓу претседателот Путин и претседателот Зеленски“, изјави Трамп.

​Американски и руски претставници ќе ги координираат преговорите

​Трамп најави дека неговиот потпретседател Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе ги координираат подготовките меѓу двете страни. По тоа, ќе следи трилатерален состанок со негово учество.

​Информацијата за телефонскиот разговор беше индиректно потврдена и од руската страна. Претставникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, за агенцијата РИА изјави дека Трамп и Путин се согласиле да останат во близок контакт за украинската криза и други прашања.

​Според Ушаков, било разговарано за „можноста за подигнување на нивото на претставници“ во преговорите меѓу Русија и Украина.