Дождот го изгасна пожарот во „Јасен“, но екипите сè уште на терен

Утринскиот дожд што заврна на подрачјето на ловиштето „Јасен“ помогна да се изгасне пожарот што гореше повеќе од десет дена, соопштија денеска од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

​И покрај дождот, на некои делови од пожарната линија сè уште има чадење, поради што ќе се продолжи со пешадиски патроли и пребарување на жешките точки со дронови опремени со термални камери. Екипи на ЈП „Јасен“ ќе патролираат додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат.

​ДЗС упатува апел до граѓаните да бидат внимателни и да пријават секакво сомнително однесување или евентуални извори на пожар.

​Исто така, се додава дека доколку граѓаните забележат електрични жици што се допираат или искрат, веднаш да пријават во ЕВН или на бројот 112.