Воведен нов модул за транспарентност на донациите во здравството

Министерството за здравство воведе нов електронски модул на веб-страницата donacii.zdravstvo.gov.mk со цел да се обезбеди целосна транспарентност на донациите во здравствениот систем. Сега јавноста може во секое време да има увид во видот, вредноста и донаторите на пристигнатата помош.

​Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека досега се евидентирани над 400 донации од различни меѓународни институции, организации, држави и хуманитарни фондации, што, според него, е показател за довербата во македонскиот здравствен систем.

Најголем дел од донациите се медицински материјали

​Според објавените податоци, дури 85% од донациите се однесуваат на медицински материјали, вклучувајќи лекови, вакцини, апарати и други средства наменети за јавните здравствени установи.

​Министерот Алиу нагласи дека новиот систем ќе спречи ситуации каде што се прима опрема со различни оперативни системи или без достапни резервни делови и сервис.

​„Со овој модул, испраќаме јасна порака дека во здравството нема скриени процеси и тајни договори, дека секоја донација е видлива, секоја помош е евидентирана, а секој граѓанин има право на информација“, порача Алиу.