Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Брисел оствари средба со еврокомесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.
Двајцата соговорници ја нагласија силната поддршка за проширувањето на Унијата, што, според МНРНТ, е потврдено и со најновиот „Евробарометар“.
На средбата беше поздравен реформскиот пристап на Владата, особено во исполнувањето на обврските од реформскиот процес и имплементацијата на Планот за раст. Министерот Муцунски истакна дека евроинтеграциските реформи остануваат високо на агендата, со фокус на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Муцунски изрази благодарност за личниот ангажман на еврокомесарката Кос во пристапниот процес, особено за нејзината поддршка на Самитот за Планот за раст, што се одржа неодамна во Скопје.
Соговорниците разменија мислења и за неодамнешното приклучување на земјата кон СЕПА, како и за иницијативата за постепено укинување на роаминг трошоците меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ. Одлуката за оваа иницијатива се очекува на почетокот на 2026 година.
Тие разговараа и за актуелните регионални и глобални случувања, при што ја потврдија заедничката поддршка за Украина и заложбата за постигнување праведен и одржлив мир.