Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за ТВ Сител изјави дека растот на платите во Македонија ја надминува инфлацијата, што резултира со подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Само во изминатата година, имаме раст на просечната плата од 10,1%. Во исто време, инфлацијата изнесуваше 4,8%, што значи дека животниот стандард не е намален – напротив, растот на платите е повисок од растот на цените“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Министерката објасни дека Владата се фокусира на долгорочни структурни реформи и инвестиции за да се справи со инфлацијата. Таа нагласи дека најголем ценовен притисок доаѓа од базичната инфлација, особено во услугите и угостителството, што е поврзано со растот на платите.
„Токму затоа е неопходно поголемо вложување во земјоделството. Најголем раст на цените бележиме кај овошјето и зеленчукот, а тоа е директна последица од недоволното производство“, додаде таа.
Во однос на барањето за повисока минимална плата, Димитриеска-Кочоска појасни дека тој процес се води во рамките на Социјално-економскиот совет, каде што работодавачите и синдикатите треба да постигнат договор.
За јавниот долг, таа најави дека за следната година се планира задолжување од 950 милиони евра, од кои поголемиот дел ќе бидат за рефинансирање на стара еврообврзница. Министерката заклучи дека економијата бележи позитивен раст, а инфраструктурните проекти се доказ за реални инвестиции и финансиска стабилност.