Православните верници денеска го слават празникот Успение на Пресвета Богородица, познат и како Голема Богородица. Ова е еден од најголемите христијански празници, кога се одбележува земниот крај на Богородица и нејзиното вознесување на небото. Во сите храмови на МПЦ-ОА денеска се одржуваат празнични богослужби, особено во оние кои го носат нејзиното име.
Заштитничка на мајките и семејството
Народното верување ја смета Богородица за заштитничка на леунките и им помага при породувањето. Жените кои немаат деца исто така веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба, па затоа ги посетуваат нејзините цркви, се молат и принесуваат дарови.
Животот на Богородица по распнувањето на Исус
По распнувањето и воскресението на Исус, Богородица живеела уште 48 години, најпрво со својот старател Јосиф, а потоа кај апостолот Јован Богослов, кому Исус од крстот му ја доверил својата мајка. За време на овој период, Богородица била сведок на многу важни настани за христијанската црква. Често ги посетувала местата каде што се случувале важни настани од животот на Исус, како што се Голгота, Витлеем и гробот на Исус.
Успение и воскресение
Според црковното предание, Архангел Гаврил ѝ ја соопштил на Богородица веста за нејзиното скорешно упокојување, предавајќи ѝ рајска палмова гранка. Набргу потоа, апостолите, носени од таинствена сила, се собрале во домот на апостол Јован за да бидат со Богородица во нејзините последни мигови.
Во моментот на нејзината смрт, силна светлина ја исполнила просторијата, а Исус Христос слегол од небото за да ја земе нејзината душа. Нејзиното лице засветело како сонце, а од телото се ширел пријатен мирис од кој се излекувале многу болни.
Богородица била погребана во Гетсиманската градина. Но, на третиот ден по погребот, кога апостолот Тома, кој задоцнил, побарал да се отвори гробот за да ѝ се поклони, апостолите го нашле празен. Таа вечер Богородица им се јавила на апостолите и им соопштила дека Исус ја воскреснал и ја зел на небото.
Празникот Успение на Пресвета Богородица се слави на 28 август, а му претходи двенеделен пост. На иконите, Успението е прикажано со Богородица легната на одар, а Исус во рацете го држи нејзиниот дух во форма на новороденче.