Политичката коалиција „ВЛЕН“ денеска соопшти дека Арбен Таравари е најголемиот политички срам за Албанците во Македонија. Според нивното соопштение, Таравари се претворил од политичар кој повикува на промени, во „слуга на Али Ахмети и Артан Груби“, станувајќи „патерица на ДУИ нонграта“.
„Валкани лични зделки“ причина за напуштање на Владата
„ВЛЕН“ тврди дека вистинската причина за излегувањето на Таравари од власта не се принципите, туку „валкани лични зделки“. Тие го посочуваат случајот со „сомнителната инвестиција ‘Ѓока’“ како доказ за неговата подготвеност „да продаде сè за лична корист“.
Коалицијата нагласи дека Таравари, соработувајќи со „криминализираната ДУИ“, ги предал идеалите за кои се залагал, и сега е со оние што ги казнија Албанците на изборите на 8 мај.
„ВЛЕН“ порача дека Албанците не заборавиле кој им донел сиромаштија, неправда и изолација.
„Арбен Таравари е симбол на политичко предавство и вазал на ДУИ нонграта. Албанците никогаш нема да го простат ова кршење на нивната доверба. Историјата ќе го памети како човекот кој беше продаден, додека ВЛЕН како силата што ја донесе долгоочекуваната промена“, се вели во соопштението.