Секоја година, кога ќе замириса на печени пиперки и ќе се најават првите есенски дождови, се знае – почнува сезоната на „фестивалските драми“. И не, не зборувам за таа филмската, туку за вистинската, онаа балканска, што се одвива на социјалните мрежи. Главни актери се градските власти и македонските музички изведувачи.
Сценариото е секогаш исто, иако глумците се менуваат. Градскиот татко гордо објавува програма за Гроздобер, Пивски фестивал или „Културно лето“, со имиња кои ги знаете од радио, ама не и од митинзи. И тогаш, следува „лајв“ пренос на незадоволството. Некој пејач, кој до вчера се сликаше со партиски книшки и гласно пееше за „светлото утре“, одеднаш се најде во категоријата „неангажиран“.
„Како бе? Јас бев прв на линија, прв до микрофон, прв до бина! А сега некој ‘шалабајзер’ ќе ми пее за 20.000 евра, додека јас, со сите мои ѕвездени хитови, да си седам дома?!“ – така некако звучи екот од виртуелните протести.
Нашиот фиктивен, но многу реален, лик Силјан, е типичен пример. Човекот си пееше, си креваше раце, си веруваше дека „за неговите“ е најдобар. И сигурно си замислуваше дека по победата, освен министерско столче, ќе му понудат и некое евро за „добар ден“ и гарантирано учество на сите локални фестивали. Замислата беше логична, нели? „Ако бев со нив во лошо, сигурно ќе ме есапат во добро“.
Епа, драги пријатели, изгледа дека не функционира баш така. Политиката е како брз воз – додека си внатре, уживаш во погледот и мислиш дека си стигнал, ама штом ќе те остават на следната станица, мора сам да си се снајдеш. Исто е и со нашите естрадни уметници. Се „шинуваат“ од работа на митинзи, се сликаат со функционери, веројатно им ветуваат верност „до гроб“… а потоа, доаѓа Гроздобер и – ниедно евро.
И тогаш се јавува каењето. Ама, како што вели нашиот народен мудрец, „после ебење, нема каење“. Иако, во нашиот случај, тоа е повеќе во форма на „после предизборен ангажман, нема ‘гарант-хонорар’“. Кајганата е зготвена, гласот е потрошен, рацете се изморени од аплаудирање. А фестивалот си тера со некој што до вчера го немаше на митинзите.
И во таа горчина, се гледа суштината на проблемот. Дали музиката е уметност или алатка? Дали пеењето за партија е инвестиција за идни хонорари? За некои, очигледно, да. А кога таа „инвестиција“ не дава плод, се добива горчлив вкус како од недозреано грозје.
Можеби е време нашите музичари да си го научат занаетот, и да не се потпираат на политичките врски. Една работа е да те викнат да пееш за пари, друга е да мислиш дека по една турнеја со политичари, си купил доживотен „фронт-роу“ билет за културата на државата.
Сепак, да бидеме фер. Има и изведувачи кои не ја мешаат политиката со музиката, и тоа се чувствува. За среќа, не сите музичари кај нас се продадоа за предизборен хонорар. Напротив, имаме одлични, посветени артисти, кои не ги интересира кој е на власт, туку како да направат добра песна, да изведат квалитетен концерт и да ѝ понудат нешто вистинско на публиката.
Оние кои се навистина талентирани, кои работат на својата музика и не чекаат некој да им ја „намести“ тезгата, тие се вистинските херои на нашата сцена. Тие се и оние кои настапуваат на ваквите манифестации, зошто нивниот квалитет зборува сам за себе, без да имаат потреба од партиска „поддршка“.
На крајот, гроздоберот ќе си заврши, виното ќе се испие, а некој друг ќе се лути. И така, до следниот изборен циклус, кога сѐ ќе почне одново. Само не знам дали следен пат „Силјан“ ќе биде толку расположен за пеење. Или можеби ќе си ја напише својата „Грозоберова соната за неостварени хонорари“…
Пишува: Ристо Ритам