Ѓорѓиевски: Љубљана ќе му помогне на Скопје да ги реши проблемите со јавниот превоз и чистотата

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, објави дека престојува во Љубљана, град што го наведе како пример за уредност и функционалност. Ѓорѓиевски остварил средби со градоначалникот Зоран Јанковиќ, како и со менаџерските тимови на претпријатието за јавен превоз и фабриката за комунален отпад.

​Според Ѓорѓиевски, од средбата со менаџерскиот тим на претпријатието за јавен превоз добил многу искуства и знаења. Тој нагласи дека словенечките експерти се подготвени да испратат тимови кои ќе помогнат во решавањето на проблемите со јавниот транспорт во Скопје.

​Инспиративна била и посетата на фабриката за комунален отпад, каде се преработува отпадот од 46 општини во Словенија. Ѓорѓиевски добил ветување за соработка и поддршка во надминувањето на проблемот со јавната чистота во Скопје.

​„Љубљана е доказ дека со јасна визија, ред и посветеност може да се создаде град кој е чист, достоинствен и пријатен за живот“, напиша Ѓорѓиевски.

​Тој заклучи дека се враќа со нови идеи и мотивација, со цел да го направи Скопје град за гордост.