Младите социјалдемократи од Струмица отворија клуб за дружба и активизам

Младите социјалдемократи од Струмица отворија Младински клуб на Леблебеџиската улица. Идејата е младите да имаат сопствен простор за дружење, активизам и развивање на идеи за подобрување на животот во нивната заедница, во пресрет на локалните избори.

​Христијан Ефтимов, претседател на СДММ од Струмица, истакна дека клубот ќе биде место за развој на нови приказни и дружби, со цел да се создаде „победничка Струмица кадешто сите млади ќе имаат можност за развој и напредок“.

​На отворањето присуствуваа општинското раководство на СДСМ Струмица предводено од претседателот и кандидат за градоначалник, Марјан Даскаловски, претседателот на СДММ, Трајче Стојчевски, и лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

​Филипче им порача на младите да бидат отворени, да комуницираат и да се поврзуваат со луѓето.

​„Ние сме тука да им помагаме на луѓето, им помагавме и кога бевме на власт, сега сме тука и локална власт, се бориме да ја освоиме повторно власта за да практикуваме и носиме добри политики за сите граѓани и за државата“, изјави Филипче, ветувајќи им помош и поддршка.