ЗГАСНУВАЊЕ НА ПОЈОТ НА СЛАВЕЈОТ

Песната македонска низ вековите ја делела судбината со македонскиот народ. Каква судбина, такви песни. Тие во своите текстови покрај љубовната тематика ги опејуваат и страдањата на македонецот па така мелодиските линии се молски, елегични. И тој ген, тестаментално е пренесен на сите автори кои потекнуваат од ова како одајче мало, парче земја. Подобри времиња и песната и македонецот дочекуваат во повоениот период, кога некаде во 1948 година е формирана музичката продукција при МРТ и од зародишот па се до пред дваесетина години, таа, според мои сознанија има продуцирано преку еден милион музички единици, дела. Музика, песни, со препознатлива македонска мелоритмика, нашироко прифатена, призната, наградена. Значи музичката продукција на МРТ, фестивалите “Валандово“, “Цветници“, Скопскиот фестивал“, “Макфест“ и други, стануваат бастион на убавата македонска песна, при што, секоја новосоздадена песна беше само уште една тула на бедемите на тој бастион на културата, уметноста.

И од тогаш молк, тишина. Се што било создавано од народниот ум со стотици години или познати автори од 1948 година до пред некое време е фрлено во бункери, веќе дваесетина години покриено со прашината на заборавот, многу неповратно уништени.

Зошто? Зошто, кога знаеме дека песната, музиката, како дел од културата, покрај јазикот и верата се еден од столбовите на идентитетот на еден народ. Тие се доказ дека сме постоеле. Песната е ехото на минатото, таа не потсетува, за да не заборавиме кои сме.

И еве, баш сега ми текнува на зборовите на мојот дедо, кој беше страствен обожавател на македонската песна и од кого имам слушнато и научено стотици и стотици стари македонски песни, кој ми велеше:
“Синко, Македонија не е до таму до каде што се издигаат граничните камења, Македонија е до таму до каде што се зборува и пее на македонски јазик.“
Ете, некако баш од тука започнува, од тука некако се насетува генезата на сите проблеми со кој се соочува македонската песна.

Последиците се несогледиви. Изложени сме на туѓи музички влијанија со силина на асимилација на музички план и тоа најдобро може да се види, во овој постковид периодот, во програмата што ни се нуди како музички концертни случувања во текот на летото.
Заради немањето на стратегија, заради немањето на национална музичка продукција, фестивалски и концертни случувања, национални оркестри, тука пред се мислам на оркестарот за народна музика, биг бендот, чалгиите, камерниот оркестар…), ќе останат многу музички дела незапишани, многу песни ненапишани, многу песни неотпеани, а и онаа веќе напишаната, онаа убава, елегична македонска песна по која бевме надалеку познати, жива ќе ја закопаме.

На времето еден познат новинар од Сараево имаше кажано: “Во Босна немој да пееш, во Србија немој да играш, а во Македонија немој ни да пееш, ни да играш.“
Да пријателе, така е, ама така беше некогаш.
И да резимирам.
Се плашам дека ЗГАСНУВАЊЕ НА ПОЈОТ НА СЛАВЕЈОТ, е дел од нечиј перфиден план за културно обезличување на Македонецот, па го сметам за директен атак на еден од столбовите на нашиот идентитет.

На крај, кога на прагот ни е прославата на денот на независноста на Р.Македонија, воедно и 34 години (без последните дваесетина години) музичка продукција во независна Македонија, ќе ми тежи на душава ако не ги спомнам заборавените доајени од музичката продукција, кои се вложија себе си, во одбраната, создавањето и афирмацијата на македонската песна а не се појавиле во улога на автори (иако некои и се) или изведувачи, а пред се Мате Груевски, долгогодишен уредник на музичката продукција на МРТВ, Јонче Христовски, тон мајсторите Таше, Милка, Џо и Жорж, продуцентите Миодраг Божиновски, Љупчо Трајковски-Фис, Мето Автовски, шефовите на оркестрите Кире Костов, Александар Џамбазов, Љупчо Мирковски, Тодор Трајчевски…

 

Пишува: Томи Которчевиќ