Поранешниот премиер Никола Груевски ја коментира извршната наредба на претседателот на САД, Доналд Трамп, за враќање на класичната архитектура во изградбата на јавни објекти. Груевски прави директна паралела помеѓу оваа наредба и неговиот проект „Скопје 2014“, потсетувајќи на жестоките критики што ги добил во тоа време.
Груевски цитира делови од наредбата на Трамп, која била објавена на 28 август 2025 година. Според наредбата, јавните згради треба да бидат во класичен архитектонски стил за да го инспирираат американскиот народ и да ја поврзат модерната Република со античките демократии. Трамп нагласува дека модерната и бруталистичката архитектура од 60-тите години често била непопуларна кај американската јавност.
Груевски нагласува дека неговата влада, преку проектот „Скопје 2014“, исто така изградила објекти во историски и класични стилови. Тој потсетува на критиките од опозицијата, медиумите и голем дел од архитектонската фела, кои проектот го нарекувале „кич“ и „Дизниленд“.
Според него, критиките не биле од естетска природа, туку биле мотивирани од политички причини и страв од долгорочните позитивни ефекти на проектот. Тој го цитира архитектот Мирослав Грчев кој изјавил дека со проектот се прават „вечни билборди“, со што, според Груевски, се потврдило дека не се работело за грдотија, туку за страв од политичката моќ.
Груевски тврди дека и покрај критиките, мнозинството граѓани го поддржувале проектот. Ова го поткрепува со анкети, кои покажувале двотретинска поддршка, како и со резултатите од изборите, каде што неговата партија добивала голема поддршка.
Во однос на спомениците, Груевски наведува дека тие не се дел од наредбата на Трамп бидејќи, како што вели, САД и другите европски земји одамна ги завршиле спомениците на своите историски личности, додека Македонија во минатото немала можност за тоа.