Чикаго се подготвува за потенцијална конфронтација со федералната влада, откако градоначалникот Брендон Џонсон изјави дека нема да дозволи распоредување на Националната гарда во градот. Одлуката доаѓа по предупредувањата дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп планира милитаризирана акција за спроведување на имиграциските закони.
Џонсон, кој синоќа потпиша извршна наредба за да ги заштити жителите, ја отфрли можноста да види „тенкови на улиците“. Тој предупреди дека според наредбата на Трамп, може да има зголемени проверки на дозволите за престој и засилено присуство на војска.
Со потпишувањето на извршната наредба, градоначалникот Џонсон им наложи на сите градски оддели да го спречат секое дејство на федералната влада што би можело да ги загрози жителите. Тој јасно потенцираше дека локалната полиција нема да соработува со воениот персонал во патроли или во спроведување на имиграциските закони.
„Добивме веродостојни извештаи дека имаме денови, а не недели, пред нашиот град да види некаков вид милитаризирана активност од страна на федералната влада… Можеби ќе видиме и војници на Националната гарда. Можеби дури и ќе видиме активни воени и вооружени возила на нашите улици. Ние тоа не сме го побарале“, истакна Џонсон.
Одлуката на Трамп за можен упад во Чикаго доаѓа откако претходно овој месец тој ја активираше Националната гарда во Вашингтон за, како што тврдеше, да го ограничи неконтролираниот криминал. Сепак, официјалните полициски статистики не покажаа зголемување на криминалот во главниот град.
Џонсон го нарече однесувањето на администрацијата на Трамп „непредвидливо и импулсивно“ и го повика претседателот да се „предомисли“. Според градоначалникот, статистиките за Чикаго покажуваат значително намалување на убиствата, грабежите и пукањата во изминатата година, што го прави тврдењето на Трамп дека криминалот е „надвор од контрола“ неточно.